+389 (0)2 3109 956 info@gefsgpmacedonia.org.mk

Ублажување на климатски промени

Програмата за мали грантови на ГЕФ и предизвикот на климатските промени

Се очекува климатските промени да имаат сложена низа негативни ефекти низ целиот свет, предизвикувајќи сериозни проблеми во областите од витално значење, какви што се здравјето, земјоделието и шумарството, водите, биолошката разновидност и глобалната економија. Република Република Северна Македонија се соочува со многу од овие клучни предизвици и, како потписник на Рамковната конвенција за климатски промени на ОН, презема различни иницијативи на национално ниво за да ги намали емисиите на стакленички гасови што го забрзуваат глобалното затоплување, како и бројни мерки за да се приспособи на климатските промени и да ги ублажи последиците од нив. И додека овие напори продолжуваат на меѓунардно и национално ниво, Програмата за мали грантови на ГЕФ во Република Република Северна Македонија постигна голем напредок преку поддршка на локални проекти на теренот.

Од својот почеток во 2005 година, Програмата за мали грантови поддржа 36 локални проекти во областа на климатските промени, учествувајќи со 44% во севкупните финансии доделени за проекти во земјата, достигнувајќи ја сумата од 879.123 долари, со дополнителни 1.020.653 долари од кофинансирање. Овие проекти, посветени на климатските промени, одговорија на следните проблеми што го засегаа локалното население:

  • Поддршка на еколошкиот одржлив транспорт преку промовирање на велосипедска инфраструктура и преку создавање на првиот сервис за изнајмување велосипеди во главниот град Скопје.
  • Промовирање на енергетската ефикасност, вклучувајќи ја тука и замената на нештедливите светилки за улично осветлување со нови енергетски ефикасни светилки во осум градови, како и воведување на енергетски ефикасни мерки во 41 образовни установи.
  • Промовирање на обновливите извори на енергија, вклучувајќи го тука и првото производство на биодизел од отпадно растително масло.

„Едно од начелата, според кое се водиме во нашето финансирање – особено кога станува збор за проблем што опфаќа повеќе сектори, како што е случајот со климатските промени – беше да поддржиме проекти што ќе можат да послужат како модели за повторување во поголеми размери“, вели професор Ристо Филкоски, поранешен член на доброволниот Национален управувачки комитет на Програмата за мали грантови.

Програма за зголемување на енергетската ефикасност

„Во изборот на иницијативите за зголемување на енегетската ефикасност“ ‒ вели Координаторот на Програмата за мали грантови на ГЕФ, Златко Самарџиев ‒ „обрнавме особено внимание да ги поддржиме модел-проектите што покажуваат успешни техники и постигнуваат заштеди – заштеди што општините ќе ги реинвестираат во примена на понатамошни мерки за намалување на емисиите на стакленичките гасови. Ова е особено случај со обновата на зградите, кои спаѓаат меѓу најголемите потрошувачи на енергија.“

Некаде околу 40% од енергијата, а и 25 % од водата, на светско ниво, ја трошат зградите. Греењето, клима-уредите за разладување, осветлувањето и другата потрошувачка на енергија на зградите придонесува со една третина во вкупната емисија на јаглероден диоксид, правејќи го овој сектор еден од најголемите произведувачи на јаглероден диоксид во светот. А истовремено постојат енергетски ефикасни технологии и технолошки знаења и искуства за намалување на трошоците за потрошената енергија на зградите, која влијае врз животната околина, за најмалку 30%.

„Еден од нашите најважни приоритети е да се обноват локалните основни училишта и градинки за да добијат повисока енергетска ефикасност“ ‒ објаснува господин Владимир Карчицки од Здружението на граѓани „Проактива“ од Скопје ‒ „зашто така непосредно ќе ја унапредиме средината за учење за децата, правејќи ги училишните згради побезбедни и поздрави, а истовремено генерирајќи заштеди што би можеле да бидат пренасочени за други образовни подобрувања.“

Многу од градинките и училиштата во земјата страдаат од недоволно инвестирање во инфраструктурата во последните неколку децении. Ова доведе до високо ниво на залудно трошење на енергијата како резултат на неисправна инфраструктура, врати и прозорци што не се затвораат добро, несоодветна вентилација и изолација, како и застарени, скапи и нездрави облици на греење.

Типична за бројните проекти за зголемување на енергетската ефикасност, финансирани од Програмата за мали грантови на ГЕФ, беше обновата на градинките во градовите Радовиш и Виница. Проектите, спроведени од здружението ЦЕЛОР – Центар за локален развој од Радовиш и од Здружението на жени фармери „Агро Винка“ од Виница, во соработка со општините и градинките, во рамките на овие два проекти прво се утврдија главните области во кои може да се подобри потрошувачката на енергија, а потоа ги презедоа следните мерки: вградување на нови врати и прозорци со подобра термичка изолација и со автоматизирани механизми за затворање на вратите, ставање на нови штедливи светилки, затворање на отворите во крововите низ кои се губи енергијата и обезбедување на подобро затворање на чешмите и цевките.

Важен аспект на сите проекти за обнова на зградите, што ги финансира Програмата за мали грантови на ГЕФ, е да се покажат еколошките предности и заштедите на поголемата енергетска ефикасност и да се зголеми јавната свест за нив, како и да се укаже на итноста што се наметнува за спроведување на овие мерки за да се ублажат ефектите на климатските промени.

Слични проекти беа финансирани од Програмата за мали грантови на ГЕФ во неколку градинки и основни и средни училишта во Скопје, Велес и Јегуновце, во неколку општински и училишни згради во Арачиново и во Зрновци, каде што беше вграден сончев колекторски систем за загревање вода за да се обезбеди греење за локалните училишта, а во градинката во општина Кочани за прв пат се вградија хибридни колектори кои истовремено загреваат вода и произведуваат електрична енергија за осветлување, при што сите резултираа со заштеда од најмалку една третина од годишните трошоци за енергија.

За да се осигура одржливоста на овие постигања и за да се создадат услови за слични напори во иднина, проектите помогнаа и да се изградат капацитетите на добитниците на грантовите и на пошироката јавност преку акции за кревање на свеста, обуки и развивање мрежи на контакти со претставници на општините, со владините агенции и со други потенцијални кофинансиери.

Друга област која значително придонесува во потрошувачката на енергија од страна на локалните власти е уличното осветлување, кое е во надлежност на единиците на локалната самоуправа. „Застарената технологија на улично осветлување е проблем што ги засега повеќето општини во Република Северна Македонија,“ ‒ објаснува господин Столе Георгиев од Здружението ЦЕЛОР – Центар за локален развој од Радовиш ‒ „а дополнително придонесува кон зголемените емисии на јаглероден диоксид и кон зголемените трошоци за енергија.“ Доколку општините правилно ги насочат средствата во обновување на уличното осветлување, можат да заштедат многу и да придонесат кон намалувањето на емисиите на стакленички гасови

„Ова е уште една област во дејствувањето на локално ниво сврзано со климатските промени, во која се одлучивме да финансираме проекти кои би можеле да обезбедат модел на најдобри практики што ќе бидат следени и од други.“ ‒ вели Самарџиев. Еден таков модел-проект беше спроведен во општината Врапчиште, каде што Здружението на граѓани „Еко акција“ ги замени старите и нештедливи улични светилки во главното населено место на општината со енергетски ефикасни светилки. „Новите светилки не се само поефикасни во смисла на трошоците за енергија и намалените емисии на стакленички гасови,“ ‒ вели госпоѓица Христина Василевска од Здружението на граѓани „Еко акција” ‒ „туку се и поефикасни во осветлувањето на улиците, правејќи ги на тој начин побезбедни за сообраќајот и пешаците. Тоа што тие функционираат со современи сензори значи дека никогаш не користат непотребна енергија и на тој начин му прават огромни заштеди на општинскиот буџет.“

Активностите на овие проекти за кревање на свеста и за информирање го поттикнаа спроведувањето на бројни други проекти низ целата земја, вклучувајќи ги Делчево, Ново Село и Гевгелија, каде што тие беа поддржани од Програмата за мали грантови. „Активностите за промовирање на проектите за улично осветлување имаа поттикнувачко влијание низ целата земја, особено зашто соседните општини можеа сами да се уверат во заштедите и во еколошките придобивки од преминувањето на енергетски ефикасни светилки“, вели Самарџиев.

Промовирање на обновливите извори на енергија

Бидејќи јаглеродниот диоксид што го испуштаат фосилните горива е главниот причинител на климатските промени, промовирањето на преминот кон обновливи извори на енергија е еден од најитните предизвици на 21 век. Затоа поддршката на проекти што промовираат обновливи извори на енергија игра клучна улога во напорите на Програмата за мали грантови на ГЕФ во борбата против климатските промени.

„Во проектите што ги финансиравме за промовирање и прифаќање на обновливите извори на енергија, нагласокот беше врз користењето на локално расположливите ресурси,“ ‒ објаснува професор Сања Поповска-Василевска, член на Националниот управувачки комитет ‒ „а тука спаѓаат отпадните производи кои можат да се рециклираат, како маслото за готвење и биомасата, како и природните ресурси, како геотермалните води и сончевата енергија. На ваков начин ја креваме свесноста за неискористениот потенцијал на достапните материјали за генерирање на енергија на локално ниво.“

Претворањето на сончева енергија во електрична преку фотоволтаични методи е една од најбрзо растечките технологии во светот, поттикнувана од итноста да се намалат емисиите на стакленички гасови и охрабрена од сè пониските цени на фотоволатичната технологија. Во согласност со овој глобален тренд, Програмата за мали грантови на ГЕФ се труди да финансира проекти кои го вклучуваат користењето и промовирањето на сончевата енергија секаде каде што тоа е остварливо, особено во училиштата и во другите административни згради со високо користење на енергија и со високи трошоци за енергија. Многу од проектите за енергетски ефикасна обнова, финансирани од Програмата за мали грантови, вклучуваа и вградување на сончеви панели за да се надополнат постоечките извори на енергија, како во проектот за обнова на градинката во Кочани и на основното училиште во Босилово, а Програмата истовремено финансираше и проекти чија специфична намера беше да послужат како модели за користење на сончевата енергија.

Биодизелот е биоразградливо гориво кое произведува значително помалку стакленички гасови и други загадувачи отколку дизелот добиен од нафта. Биодизелот може да се произведе и од неискористено масло, и од отпадно растително масло, и од животински масти. „Еколошките придобивки од користењето на биодизел наместо фосилно гориво се добро познати. Постојат изобилни количества отпадно растително масло низ целата земја што би можеле лесно да се претворат во биодизел за да се обезбеди побезбедна животна околина и за да се намалат тековните трошоци.“ ‒ објаснува господин Благој Михаиловски од Здружението на граѓани „Sвезда“, организација на луѓе со инвалидитет од Македонска Каменица. „Воведувањето на производствени капацитети за вакво гориво исто така создаде работни места и го обучи локалното население со што тоа се здоби со корисни нови вештини.“

Иновативен проект за произведување биодизел од отпадно растително масло од локалните ресторани беше спроведен во Македонска Каменица, Источна Република Северна Македонија, од страна на Здружението на граѓани „Sвезда“, во соработка со британската амбасада, ЕВН Република Северна Македонија и неколку невладини организации и ресторани, вклучувајќи го и Мекдоналдс. Биодизелот беше искористен за земјоделските машини од страна на локалните фармери. Ова беше првото производство на биодизел во Република Република Северна Македонија.

Успесите на проектот доведоа до зголемување на производството и користењето на биодизел од страна на Здружението на граѓани „Машински круг“ во општината Пробиштип, исто така во Источна Република Северна Македонија. Ова е одличен пример за соработка и за придобивките на производството и користењето на биодизел земени заедно. Здружението на граѓани „Машински круг“, во партнерство со општината Пробиштип и со Агрожито ДОО, засади маслодајна репка за производство на биодизел на 20 хектари тешко загадено земјиште. Во 2012 година беа собрани речиси 2.500 килограми маслодајна репка и беа доставени до локалниот погон за производство на биодизел, изграден од страна на проектот. Во тој погон беа произведени 450 литри биодизел од страна на шест обучени волонтери и потоа им беа доставени на локалните фармери за да го користат за своите земјоделски машини.

„Овие два преокта претставуваат уште еден пример за иницијатива и соработка со повеќекратни придобивки кој може да се повтори во многу поголеми размери.“ ‒ вели господин Николчо Колев од Здружението на граѓани „Машински круг“. „Проектот исто така ни овозможи да го искористиме загаденото земјиште за садење маслодајна репка наменета за производство на биодизел. Оваа култура не се искористува само за производството на биодизел, туку помага и во процесот на деконтаминација на почвата од тешките метали.”

Со финансиска помош од Програмата за мали грантови беше поддржан уште еден проект за промовирање на обновливите извори на енергија, овој пат во Берово, исто така во Источна Република Северна Македонија. Спроведен од Здружението на граѓани „Национално здружение на сопствениците на приватни шуми“, заедно со Холандската развојна организација (SNV) и општината Берово, проектот ја искористи шумската биомаса како замена за мазутот во греењето на локалното основното училиште, инсталирајќи котларница што ќе користи биомаса и на тој начин ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид од фосилните горива.

Промовирање на одржлив транспорт

Секторот транспорт е водечкиот фактор што придонесува кон антропогените климатски промени и кон загадувањето на воздухот во градовите низ целиот свет, при што емисиите на јаглероден диоксид од согорувањето на бензинот изнесуваат повеќе од 20% од стакленичките гасови што се генерираат во многу земји. Во Република Република Северна Македонија, стакленичките гасови генерирани од транспортот се зголемуваат експоненцијално, заедно со придружните проблеми од застоите во сообраќајот како и од многуте облици на загадување на воздухот.

„Програмата за мали грантови го сосредоточи своето финансирање во оваа област врз она за што знаеме дека е единственото најефикасно решение за загадувањето од сообраќајот,“ ‒ објаснува Самарџиев ‒ „а тоа решение е да се овозможи поголемо користење на велосипеди за секојдневното движење. Многу од нашите градови, вклучувајќи го и главниот град, Скопје, се многу погодни за велосипедизам. Но, моторизираната сообраќајна култура и недостатокот од соодветни велосипедски патеки попречуваат многу луѓе да користат велосипеди или да преминат на велосипеди.“

Во многу делови на Скопје системот за изнајмување велосипеди, со велосипедски патеки јасно означени со знаци и со црвена боја, го преобрази искуството на велосипедистите. Згора на тоа, системот за изнајмување велосипеди помогна да се промени гледањето на јавноста на велосипедизмот како да е само рекреативна или спортска активност и таа да го прифати велосипедот како функционално средство за транспорт. Спроведен во 2009-10 година од Здружението на граѓани „Екосвест“ од Скопје, во соработка со градот Скопје, со општината Карпош и со невладините организации „Проактива“ Скопје, То4ак од Скопје и Extreme sports/Bike shop Скопје, како и со британската амбасада, планот за изнајмување велосипеди – прв таков план во Република Република Северна Македонија – ги обезбеди првите 110 велосипеди приспособени за урбан транспорт и ги направи достапни за изнајмување по многу ниски цени на три поврзани точки, кои прераснаа во седум во 2013 година.

Проектот за изнајмување велосипеди беше проследен со голема кампања за публицитет, вклучувајќи и веб-страници, видео спот кој идеше на МТВ и радио реклами и широк спектар на промотивни материјали што му беа посветени нему. „Резултатите што проектот уште веднаш ги постигна и прифаќањето во јавноста беа исклучителни.“ ‒ вели госпоѓа Јулијана Даскалов од „Екосвест“. „Само за една недела од воведувањето на системот, граѓаните изнајмија велосипеди на повеќе од 500 часа, а беше покажан огромен интерес на социјалните медиуми. Нема да биде претерување ако се каже дека многу луѓе веруваат дека велосипедските патеки и системот за изнајмување велосипеди спаѓаат во најважните и најкорисните иновации што некогаш биле преземени и спроведени во Скопје.“

Клучна идна цел на овие комбинирани проекти за промовирање на велосипедизмот е да се охрабрат и другите градови во Република Северна Македонија да усвојат слични мерки и да се интегрира координираниот интермодален транспорт.