Заштита на меѓународните води
Проекти за заштита на меѓународните води
Во својата централна област, заштитата на меѓународните води, Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд во Република Република Северна Македонија им обезбеди поддршка првенствено на проекти кои треба да помогнат да се подобри еколошкиот статус на Преспанското Езеро во југозападниот дел на земјата – езеро што Република Северна Македонија го дели со Грција и Албанија.
Преспанското Езеро е едно од најстарите слатководни езера во светот, со единствен екосистем кој еволуирал во текот на повеќе од пет милиони години. Денес сливот на езерото што се наоѓа во Република Република Северна Македонија е живеалиште за повеќе од 2.000 видови риби, птици, цицачи и растенија. Опстанокот на оваа бесценета биолошка разновидност директно зависи од квалитетот на водата, кој беше сериозно нарушен во последните 40 години – пред сè поради загадувањето предизвикано од неодржливите земјоделски практики, вклучувајќи ги тука претераната употреба на вештачко ѓубриво и пестициди и фрлањето на отпад.
Од страна на УНДП, во соработка со Владата, со Глобалниот еколошки фонд и со Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), беа преземени бројни проекти од големи размери за подобрување на еколошкиот статус на сливот на езерото. Во меѓувреме, Програмата за мали грантови на ГЕФ се сосредоточи врз финансирањето на проекти од помал размер на теренот за да им помогне на локалните земјоделци да усвојат поодржливи земјоделски практики и на тој начин да го намалат количеството на загадувачи што се испушта во ранливиот екосистем на Преспанското Езеро.
„Во Преспа ги поддржувавме напорите кои имаа за цел директно да се справат со главните причини за загадувањето,“ ‒ вели Националниот координатор на Програмата за мали грантови на ГЕФ, Златко Самарџиев ‒ „а тие се претераната употреба на вештачки ѓубрива и пестициди, како и фрлањето на штетен отпад, особено на пластичната амбалажа од овие пестициди и ѓубрива.“
Проектите финансирани од Програмата за мали грантови во Преспа не ја покажуваат само успешноста на малите, евтини, самоодржливи и инклузивни проекти за постигнување на позитивни промени во локалното однесување и за кревање на свеста кај заедниците; тие даваат и одличен пример како Програмата за мали грантови може да помогне да се координираат и да се поттикнат напорите на локалните невладини организации за да се надополнат проектите од поголем размер што ги спроведуваат УНДП, ГЕФ и другите тела.
Неколку проекти финансирани од Програмата за мали грантови во регионот на Преспанското Езеро ја споделуваат истата цел ‒ да им се понудат на локалните земјоделци подобри информации за најсоодветното време за заштита на нивните насади од штетниците, како и за најсоодветните видови пестициди и вештачки ѓубрива што би можеле да ги употребат. „Целта е да се осигура дека земјоделците најоптимално ќе користат најмало можно количество хемикалии,“ ‒ објаснува госпоѓа Фросе Ѓоргиевска ‒ „за на тој начин почвата да ја загадуваат помалку загадувачи и помалку да се излеат во езерото.“
Првиот од овие проекти, спроведен во 2006-7 година од страна на Сојузот на здруженијата на обединети агропроизводители, во соработка со општината Ресен, постави 30 феромонски стапици на пет локации, како и 2 агрометеоролошки станици кои покриваат 800 хектари јаболкови овоштарници.
Овој систем од стапици и станици, кој е поставен во заштитените зони покрај Преспанското Езеро што обезбедуваат живеалишта од витална важност за птиците во овој регион, го открива присуството на штетници и болести што му штетат на производството на јаболка. Собраните податоци потоа веднаш им се испраќаат на земјоделците и на тој начин им се сигнализира најефикасното време за користење на пестициди и им се укажува кога пестицидите не се потребни.
„Овоштарите во овој крај прскаат по навика, следејќи го календарот, неинформирани за тоа дали има вистинска потреба да се прска или не,“ ‒ објаснува господин Љупчо Крстевски ‒ „а ова е воедно и непотребен трошок и штета, бидејќи резултира со претерана и честопати неуспешна употреба на пестицидите. Она што овде го сторивме е да ги обучиме земјоделците и другото локално население да ги користат податоците од феромонските стапици како водич за тоа кога е најдоброто време да се прска.“
Системот за откривање и сигнализирање, поставен од страна на проектот, се потпира на сличните иницијативи преземени од страна на УНДП и ГЕФ и ги надополнува во Преспа. Оваа синергија резултираше со вкупно пет автоматски агрометеоролошки станици, кои сега функционираат во сливот на Преспанското Езеро, со сè поголема ефикасност на методите за информирање на земјоделците преку апликации за смартфони и преку социјалните медиуми. Како резултат на овие заеднички напори, количеството на употребени пестициди се намалува годишно меѓу 20% и 30% , со што се помага да се заштити локалниот екосистем, а истовремено им заштедува пари на земјоделците.
Други иницијативи што беа поддржани од Програмата за мали грантови за намалување на хемикалиите што загадуваат во Преспа, на земјоделците им обезбедија податоци од анализата на почвата за да ги информираат кои се најсоодветните – и најмалку соодветните – ѓубрива што тие можат да ги користат во своите овоштарници. Преку работилници и информативни кампањи, локалните земјоделци дополнително беа подучувани за важноста да се постигне најефикасна и најмалку штетна комбинација од ѓубрива. Повторно, овие напори за намалување на загадувањето на почвата и на истекувањето на загадувачите, кои беа од помали размери, можеа да бидат искористени од поголемите тековни проекти за подобрување на еколошкиот статус на Преспанското Езеро, преку собирање на податоци од лабораторијата воспоставена од ГЕФ и УНДП.
Неколку проекти финансирани од Програмата за мали грантови на ГЕФ обезбедија обука за локалните фармери што се однесуваше на сите аспекти на одгледувањето на овците праменка, како и на тоа како да се произведуваат и дистрибуираат органското сирење и млекото. Како резултат на ова, сега постојат седум одгледувалишта на овцата праменка од подвидот овчеполка, кои имаат сертификат за органско производство, од кои три се успешни приказни на Програмата за мали грантови на ГЕФ за Република Северна Македонија. „Кон крајот на 2014 година вкупниот број овци од расата праменка-овчеполка изнесуваше некаде околу 3.000, во споредба со само 100 во 2006 година“ вели господин Мито Костадиновски од Здружението на граѓани ’Златно руно‘ од Македонски Брод.
Од страна на Програмата за мали грантови на ГЕФ беа поддржани слични иницијативи за заживување на расата праменка и во источниот малешевско-пијанечки регион, коишто беа спроведувани од Здружението на граѓани „Напредок” во соработка со општината Пехчево и со бројни приватни лица и компании. „Со вештините, со кои се здобивме преку обуката овозможена од овој проект“ ‒ вели локалниот фармер, господин Маноил Стефановски, „успеавме да одгледаме 160 јагниња од првичното стадо.“