+389 (0)2 3109 956 info@gefsgpmacedonia.org.mk

Зачувување на биолошката разновидност

Зачувувањето на богатата разновидност на растенија и животни на планетата претставува итен приоритет, што ги наведе Обединетите нации да го именуват периодот 2011-2020 како Декада на билошката разновидност на ОН. Како што вели Генералниот секретар на ОН, господинот Бан Ки-Мун, последиците од сегашното недејствување би биле „уништувачки ‒ не само за многуте видови што се соочуваат со изумирање, туку и за човештвото.“

Сите основни составни делови на човечкиот живот – вклучувајќи ги тука чистиот воздух и водата, храната и лековите, како и горивата, плодната почва и природната контрола врз штетниците и болестите – зависат од зачувувањето на богатството на нашето природно наследство. И додека естетската, културната и духовната вредност на ова наследство е немерлива, осиромашувањето на биолошката разновидност ќе причини и огромни материјални трошоци.

Предизвици за биолошката разновидност во Република Северна Македонија

Република Северна Македонија има богата и единствена биолошка разновидност, што се должи на нејзината географска комплексност и комбинацијата од континентална и медитеранска клима – биолошка разновидност што се состои од речиси 16.000 видови, вклучувајќи и преку 800 утврдени ендемски видови. Приходите за живот на мнозинството од населението на земјата, особено во руралните области, директно зависат од зачувувањето на овие видови. Покрај ова, многу од предвидените ризици на климатските промени – вклучувајќи го и порастот на заразните болести и природните непогоди – само се зголемуваат со намалувањето на биолошката разновидност.

Во најголемите закани за биолошката разновидност во Република Северна Македонија спаѓаат руралната сиромаштија и депопулацијата, неодржливите земјоделски практики, ниската свесност за важноста на биолошката разновидност, неадекватното просторно планирање и несоодветното користење на земјата.

Зачувување на биолошката разновидност на меѓународно и национално ниво

На меѓународно ниво, со бројни конвенции, се прават обиди да се реши огромниот предизвик што го претставува зачувувањето на глобалната биолошка разновидност, при што потписник на многу од овие конвенции е и Република Северна Македонија, вклучувајќи ја тука и Конвенцијата за биолошка разновидност на ОН. Но, за да се осигура дека ваквите мерки ќе бидат успешни и одржливи, од клучна важност е локално да се преземаат активности на теренот – и ова е водечкото начело на Програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд: „Мисли глобално, дејствувај локално.“

Биолошката разновидност и Програмата за мали грантови на ГЕФ

Целите на најновата Програма за мали грантови, во согласност со Националната стратегија и Акцискиот план за биолошката разновидност во Република Северна Македонија, ја вклучуваат потребата „преку иницијативи и акции на заедницата да се воведат зачувувањето на биолошката разновидност и одржливото користење на пејзажите.“

„Кога толку многу луѓе во руралните средини се мачат да заработат за живот и се преселуваат во градовите, старите видови растенија и животни се соочуваат со изумирање“, објаснува Координаторот на Програмата за мали грантови на ГЕФ, Златко Самарџиев. „Од овие причини, една од нашите главни цели е да го поддржиме повторното заживување на традиционалното селство стопанство преку користење на ендемските видови, како овците праменка, говедата од расата буша и македонските пчели. Ова се одржливи проекти што ќе им помогнат на локалните заедници, а истовремено ќе ја зачуваат биолошката разновидност – особено биолошката разновидност во земјоделието.“

Проекти за биолошка разновидност поддржани од Програмата за мали грантови на ГЕФ

Од својот почеток во 2005 година Програмата за мали грантови има досега поддржано 41 локални проекти во областа на биолошката разновидност, што претставува 33% од сите дадени грантови во износ од 637.122 долари со уште 791.255 долари собрани со кофинансирање. За да се заштитат домашните автохтони и глобално значајни видови, од страна на Програмата за мали грантови беа финансирани тринаесет проекти, вклучувајќи ги:

  • – Овцата од расата праменка (овчеполка и каракачанка)
  • – Овчарскиот пес шарпланинец
  • – Домашниот бивол
  • – Говедата од расата буша
  • – Автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica)
  • – Македонската речна пастрмка, речиси изумрена
  • – Локалните сорти на јаболка и круши
  • – Речната риба Zingel balkanicus, за која се мислеше дека е изумрена
  • – Сребрената домашна кокошка
  • – Папратот од видот Osmunda regalis
  • – Загрозените видови лилјаци
  • – Жолтиот воден лотос

Беа финансирани три проекти за заштита и поттикнување на одржливиот туризам и за управување со областите на биолошка разновидност од глобална важност, вклучувајќи ги тука кањонот Матка, изворите во Вевчани и Смоларските водопади.

КЛУЧНИ ПРОЕКТИ ЗА ЗАШТИТА НА БИОЛОШКАТА РАЗНОВИДНОСТ, ФИНАНСИРАНИ ОД ПРОГРАМАТА ЗА МАЛИ ГРАНТОВИ

Едно од најголемите постигања на Програмата за мали грантови во Република Република Северна Македонија е поврзувањето на проектите чијашто цел е враќање на домородните видови преку напори за оживување на локалните заедници во руралните области. „На ваков начин ќе постигнеме неколку цели одеднаш – ќе создадеме можности за вработување, ќе ги оживееме одржливите земјоделски практики и ќе ги вратиме домородните видови“, објаснува господин Горан Трајковски, член на Националниот управувачки комитет. „Исто така се сосредоточивме и врз одобрување на проекти кои ќе овозможат заживување на автохтоните раси на домашни животни кои се традиционално присутни со векови на овие простори и кои се извонредно приспособени на нашите климатски услови. Такви беа проектите за поддршка на автохтоната раса на овца праменка (овчеполка и каракачанка), овчарскиот пес шарпланинец, домашниот бивол, говедата од расата буша, сребрената домашна кокошка, македонската пчела и др. Дополнителните субвенции што би се издвоиле за одгледување на автохтоните раси на домашни животни би обезбедиле дополнителен приход на локалното население, а што како резултат се очекува и од одобрувањето и стимулирањето на ваков тип на проекти, кои би послужиле како понатамошен поттик за луѓето да не ги напуштаат руралните области.“

Заживување на овците од видот праменка – овчеполка и каракачанка

Расата праменка е стара и издржлива раса, домороден за Балканот – вклучувајќи и делови од Република Северна Македонија – и е важен извор на генетската разновидност кај овците. „Претходниците на оваа раса еволуирале во овој крај уште во преисторијата,“ ‒ вели професорот Владимир Џабирски од Факултетот за земјоделски науки и храна ‒ „но во последниве децении нивната популација значително се намали, главно поради тоа што ги заменија попродуктивни, но помалку автентични раси овци. Ова е голема штета, зашто овците од расата праменка можат да преживеат со малку храна, а сепак да обезбедат млеко за сирење, како и волна и месо. Тие се и доста плодни, а кај јагнињата има низок степен на смртност и покрај нашата сурова клима.“

Неколку проекти финансирани од Програмата за мали грантови на ГЕФ обезбедија обука за локалните фармери што се однесуваше на сите аспекти на одгледувањето на овците праменка, како и на тоа како да се произведуваат и дистрибуираат органското сирење и млекото. Како резултат на ова, сега постојат седум одгледувалишта на овцата праменка од подвидот овчеполка, кои имаат сертификат за органско производство, од кои три се успешни приказни на Програмата за мали грантови на ГЕФ за Република Северна Македонија. „Кон крајот на 2014 година вкупниот број овци од расата праменка-овчеполка изнесуваше некаде околу 3.000, во споредба со само 100 во 2006 година“ вели господин Мито Костадиновски од Здружението на граѓани ’Златно руно‘ од Македонски Брод.

Од страна на Програмата за мали грантови на ГЕФ беа поддржани слични иницијативи за заживување на расата праменка и во источниот малешевско-пијанечки регион, коишто беа спроведувани од Здружението на граѓани „Напредок” во соработка со општината Пехчево и со бројни приватни лица и компании. „Со вештините, со кои се здобивме преку обуката овозможена од овој проект“ ‒ вели локалниот фармер, господин Маноил Стефановски, „успеавме да одгледаме 160 јагниња од првичното стадо.“

Враќање на овчарскиот пес шарпланинец во руралните области со нови одгледувачи

Овчарскиот пес шарпланинец е силен, но мирен и приспособлив пес кој традиционално се користи за чување на овците од волци. Особено е приспособен за снежните падини на Шар Планина и е единствената домородна раса на пес во Република Северна Македонија. За жал, на оваа раса – една од најстарите раси во светот – ѝ се закануваше да биде измешана со други раси, па дури и да изумре пред да почне проектот на Македонското еколошко друштво – во соработка со Фондацијата Отворено општество Република Северна Македонија и со Факултетот за земјоделски науки и храна – за повторно враќање на избрани примероци во нивното природно опкружување.

Откако, по исцрпно истражување на променливоста на ДНК на расата, избра чистокрвни претставници на расата, проектот избра одгледувачи со познавања и искуство во североисточниот и југозападниот регион што ќе ги одгледаат шарпланинците со педигре во нивното природно опкружување и повторно ќе ги вратат во бачилата. Беа одредени десет локации, а на одгледувачите на овие локации проектот им донираше 33 избрани примероци. За да се осигура одржливоста на овие постигања, проектот обезбеди постојана ветеринарна грижа и соодветно количество храна за кучињата, а ги обезбеди и нивните легла.

На национално ниво проектот успешно иницираше законски измени за официјално признавање на овчарскиот пес шарпланинец како домородна раса. Проектот, исто така, успеа да добие одобрение за обезбедување субвенции за фармерите што имаат одреден број овци или кози, за да се поттикнат да чуваат кучиња од оваа раса. Сите оние што ќе добијат кучиња на ваков начин се обврзани да им донираат кученца на другите овчари и така дополнително да ја зајакнат нивната популација.

Повторно заживување на говедата од автохтониот вид буша

Индустријализацијата на одгледувањето на крави доведува до намалување на користењето на автохтоните видови низ целиот свет. Во земјава, популацијата на говедата од расата буша, која спаѓа во групата на брахицерни (краткороги) говеда – Bos brachhiceros, автохтона вид за Балканскиот полуостров, веќе со децении нагло опаѓа. Зашто, иако овие плодни и издржливи говеда се добро приспособени за планинските региони на земјата и можат да обезбедат висококвалитетно млеко и месо за фармерските домаќинства со мало количество храна и без голема потреба од ветеринарна помош, тие во голем број се заменети со помалку независни, но покрупни раси говеда, кои даваат повеќе млеко и месо.

Програмата за мали грантови финансираше три проекти за поддршка на враќањето на говедата од домашната раса буша во Република Република Северна Македонија. Првиот проект – спроведен од Здружението на граѓани „Биомалеш”, во партнерство со општината Пехчево и со Националната програма за поддршка на земјоделието – почна во октомври 2007 година и успеа да создаде мало стадо буши за расплод. Вториот проект беше финансиран во 2013 година за да се воспостави центар за расплод на говедата од расата буша. Спроведен од Здружението на граѓани „Златно руно“, со Еко Сир ДОО како главен партнер, проектот успеа да купи телиња и да воспостави база на податоци за расплодните стада, како и да обезбеди курсеви за обука на потенцијалните фармери што го одгледуваат овој раса говеда.

„Новиот центар за расплод создаде работни места за локалното население во една многу сиромашна рурална област на земјата,“ ‒ вели Самарџиев ‒ „а лобирањето од страна на проектниот тим доведе до тоа говедата од расата буша да се квалификуваат за финансиска поддршка од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ. Имам големи надежи за иднината на оваа раса говеда.“

Третиот проект се реализира од март 2013 до јуни 2014 година во с. Оздолени, општина Дебарца, преку здружението на граѓани „Чекор напред“. Преку проектот беа набавени говеда од расата буша од три соја (кафен, сив и црн), кои беа дел од генетските резерви за конзервирање на оваа раса, не само во живо, туку и како генетски материјал во форма на крв и влакно за потребите на ресорното Министерство за земјоделие, кое ја води програмата за заштита на автохтоната раса говеда буша во Р. Република Северна Македонија.

Заштита на автохтоната македонска медоносна пчела

Сè поголемата побарувачка за високоценетите пчелни производи ги мотивира одгледувачите на пчели да го зголемуваат сопственото производство. Тие излезот за зголемување на производството досега го барале преку набавка на, наводно, „попродуктивни матици“, кои не потекнуваат од македонската автохтона популација (Apis mellifera macedonica, Ruttner 19898) на медоносни пчели. Преку повеќедеценискиот неконтролиран увоз на голем број матици од неавтохтони популации, континуирано се еродирале генетската разновидност и потенцијалот на македонската автохтона популација на медоносни пчели.

Програмата за мали грантови на ГЕФ финансираше два проекта за заживување на традиционалните видови и методи на пчеларство. Првиот почна во 2006 година и успешно беше завршен во август 2008 година, спроведен од невладината организација „Здружение на земјоделски производители” од Ранковце, со општината Ранковце како партнер. Клучни цели на овој проект беа зачувување на загрозената автохтона македонска медоносна пчела и воспоставување на центар за обука, за да се помогне поттикнувањето на локалното производство на органски мед. Дополнителна придобивка на проектот беше засадувањето на соодветни видови дрва на десет хектари земја оштетена од ерозија.

Вториот проект од април 2012 година имаше за цел првенствено да ја зголеми популацијата на автохтоната македонската медоносна пчела преку формирање на одгледувачки центар во Свети Николе и оплодна станица во Гевгелија за контролирано оплодување на матиците. Финансирана од Програмата за мали грантови на ГЕФ, невладината организација „Здружение на одгледувачи на пчели ЕКО ПЧЕЛА“ – заедно со своите партнери, вклучувајќи ги тука Факултетот за земјоделски науки и храна и уште две други здруженија на одгледувачи на пчели – го започна проектот со набавка на пчелни семејства од автохтоната популација, набави мини оплодници и друга потребна опрема за производство на матици. „Одгледувачкиот центар има своја програма и врши селекција и унапредување на производните карактеристики на пчелата со што дава силен придонес кон нејзиното зачувување како и кон попродуктивно одгледување на пчели во руралната средина“, објаснува господин Борче Павлов од невладината организација „Еко-Пчела“.

Заживување на домашниот бивол

Во Република Република Северна Македонија порано биле користени илјадници биволи за орање и транспорт (39 000 биволи во 1949 година), а биволското млеко им обезбедувало дополнителни приходи на многу семејства. Но, механизацијата на земјоделието довела до драстично намалување на бројот на биволи. „Речиси и да немаше биволи кога го почнавме проектот во март 2013 година,“ ‒ објаснува господин Љупчо Ташески од Здружението на граѓани „Буша“ ‒ „но со помош од ГЕФ и од нашиот партнер, Факултетот за земјоделски науки и храна, успеавме да приспособиме соодветна фарма близу Струмица и да ги обучиме локалните фармери за одржливо одгледување биволи.“

„Во рамки на проектот беа одгледани деветнаесет биволчиња, погодни за расплод, а собравме и генетски податоци за потребите на генетска банка за конзервирање, карактеризација и следење на производните особини на домашниот бивол. Ова истражување ни помогна да обезбедиме воведување и признавање на домашниот бивол како македонска автохтона раса, согласно законот за сточарство и нејзино промовирање како важен дел на природното наследство на областа. Како резултат на овој проект сега се одгледуваат околу 60 биволи.“ ‒ објаснува професорот Ѓоко Буневски.

Зачувување на загрозената македонска речна пастрмка

Македонската речна пастрмка (Salmo macedonicus Караман, 1924) може да се најде само во горниот тек на реката Вардар и во нејзините притоки во Република Република Северна Македонија. Поради деградацијата на нејзиното природно опкружување, овој вид риба е вклучен во „црвениот список“ на критично загрозените видови на Меѓународниот сојуз за заштита на природата. Благодарение на два проекта, поддржани од Програмата за мали грантови на ГЕФ во 2008-9 година и во 2011-12 година, популацијата на македонската речна пастрма, сепак, почна да расте.

Првиот од овие два проекта, предводен од Македонската риболовна федерација во Скопје, внимателно избра пастрмки од беличка Мала Река и од браната Козјак за нивни расплод во мрестилиштето во Струга, управувано од Институтот за сточарство на Факултетот за земјоделски науки и храна. „Во октомври 2009 година пуштивме десетилјаден рибен подмладок во реките Треска и Белица, а во текот на следниот месец пуштивме уште десет илјади во кањонот Матка.“ ‒ вели господин Миодраг Пешиќ од Риболовната федерација.

Вториот проект успешно ја зголеми популацијата на речната пастрмка по целото течение на реката Треска, вклучувајќи ги и браните Матка, Параскеви и Козјак, истовремено порибувајќи ги и реките Вардар, Лепенец, Крива Река и Брегалница. Великодушна помош за да се продолжи со зголемување на рибниот фонд по завршувањето на овие проекти обезбеди градот Скопје.

Други проекти за зачувување на биолошката разновидност во земјоделието

Програмата за мали грантови на ГЕФ поддржа бројни други проекти поврзани со земојделската биолошка разновидност во Република Република Северна Македонија, вклучувајќи ги и зачувувањето на домородната сребрена кокошка и повторното заживување на традиционалните сорти овошје, какви што се постарите сорти јаболка и круши кои почнаа да исчезнуваат во последните децении.

Покрај сите овие напори да се промовира биолошката разновидност во земјоделието, Програмата за мали грантови на ГЕФ обезбеди и финансии за проекти кои ја заштитуваат, заживуваат и креваат свеста за голем број загрозени видови, вклучувајќи и два проекта за заштита на малиот потковичар, медитеранскиот потковичар и долгокрилестиот лилјак. Спроведени од Здружението на граѓани „Пеони”, проектите вклучуваа практични интервенции за да се заштитат пештерите каде што можат да се најдат овие лилјаци, како и производство на информативни табли и летоци што ќе ѝ ја објаснат на јавноста важноста на зачувувањето на овие видови.